Ковид-пандемијата дојде до нејзиниот крај во Норвешка, тврди еден од водечките норвешки здравствени експерти Пребен Авитсленд. Директорот на одделот за инфективна контрола на норвешкиот Институт за јавно здравје, вчера на Твитер објави графикон на кој е прикажан најнискиот број на болнички случаи уште од летоска, во продолжение пишувајќи „со пандемијата е завршено“.
– Овде во Норвешка, можеме да речеме дека пандемијата е завршена, и можеме да се подготвиме за живот во кој вирусот ќе има многу мал удел во нашето секојдневие – напиша Авитрсленд.
Норвешка имаше една од најниските стапки на инфекција во Европа за време на трите бранови, главно благодарение на малата густина на населението, како и силната реакција од властите и здравствените работници секојпат кога ќе се појавеше нов случај на зараза.
Малиот број на заразени, како што објаснува Авитсленд, е благодарение на големиот одзив на вакцинација кај населението. Но, тој додава дека ќе бидат потребни барем неколку години за пандемијата да се стави под контрола на глобално ниво, а Норвешка е подготвена да понуди помош и експертиза во борбата против вирусот.
– Пандемијата не е целосно завршена додека не заврши за сите подеднакво – вели тој.
Но, некои експерти не се согласуваат со Авитсленд. Еспен Накстад, заменик-генералниот директор на Норвешката дирекција за здравство, предупредува дека пандемијата не е 100 отсто завршена во Норвешка и дека луѓето не смеат да се опуштат сè додека сите возрасни не ја добијат втората доза од вакцините, што би требало да се случи во август или во септември годинава.