Светската здравствена организација формира нов тим кој ќе има задача да ја одгатне мистеријата за потеклото на ковид-19. Тимот ќе се состои од 26 експерти, кои ќе бидат задолжени на откривање на потеклото на новите патогени, пренесува „Гардијан“.
Директорот на СЗО за итни случаи, Мајкл Рајан, нагласи дека новиот тим можеби ја претставува последната шанса за разбирање на потеклото на вирусот на научна основа.
Претходно, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус и други претставници на организацијата истакнаа дека „не може да се исклучи лабораториска несреќа“ како потенцијален извор на пандемијата. Во август, Кина ги отфрли повиците на СЗО за нова истрага на терен и во лабораторијата во Вухан за можното потекло на ковид-19, за која постоеја сомнежи дека е извор на вирусот.
Пандемијата досега резултираше со над 4,85 милиони смртни случаи и силно ја погоди глобалната економија, откако вирусот за првпат беше откриен во декември 2019 година.
Покрај кризата со ковид-пандемијата, изминативе неколку години се појавија или повторно се активираат голем број патогени со висок ризик, вклучително и МЕРС, вирусите на птичји грип, Ласа, Марбург, како и ебола.