Педесет члена на екипажот на францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ се тестирани како позитивни на коронавирусот, објави француското Министерството за одбрана, прецизирајќи дека тројца морнари биле превентивно евакуирани.
– Резултатите од 66 тестови покажуваат 50 лица позитивни за ковид-19 – се вели во соопштението на министерството, два дена откако на бродот биле пријавени сомнителни случаи. Истиот извор вели дека оттогаш не е забележано влошување на состојбата на морнарите на бродот.
Потеклото на инфекцијата на бродот и натаму не е познато. Пловилото не било во контакт со надворешен елемент од 15 март.
Командата на нуклеарниот носач на авиони во средата извести дека решила да го забрза враќањето во Франција, откако е откриено дека има сомнителни случаи.
– Целта е да се открие движењето на инфекцијата и да се поддржи протоколот за ограничување на ширењето на вирусот – велат од Министерството. Тим на здравствената служба на вооружените сили (ССА) е испратен на бродот.
Евакуираните морнари биле пренесени во болница во Тулон.