Претседателот на САД, Доналд Трамп, испрати писмо до лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, со кое се одржуваат добрите односи меѓу двете земји и му понуди соработка во борбата против пандемијата на коронавирусот, иако Северна Кореја тврди дека нема случаи на заразени од ковид-19, пренесуваат светските медиуми. Експертите, пак, се скептични во поглед на ова тврдење.
При последните ракетни тестови во Северна Кореја спроведени изминатиот викенд, се забележува дека војниците не носат заштитни маски. Северна Кореја претходно ги ослободи странците од карантин како мерка за превенција и најави голем собир на Врховното Народно Собрание во април.
Познавачите на состојбата сметаат дека Ким се обидува да прикаже сила и самодоверба, како и контрола врз ситуацијата, фокусирајќи се на стратешките цели на режимот.
Одредени експерти, пак, велат дека благодарение на мерките, Северна Кореја може успешно да се справи со ширењето на пандемијата, како и дека има голем број доктори. Но, хуманитарните организации тврдат дека здравството во азиската држава е во ужасна состојба, а честопати не може да ги задоволи ниту минималните дневни потреби на граѓаните.