Кога Александар Гинзбург (68) си ја вбризга вакцината која самиот ја разви, уште не беше почнало тестирањето на лекот врз мајмуни. Ова се случи пред четири месеци, а микробиологот и директор на институтот „Гамалеја“ во Москва, вели дека се чувствува добро. Уште сто вработени во институтот се согласија да бидат вакцинирани. И сите се здрави, пишува „Шпигел“.
Гинзбург работи на т.н. вектор-вакцина која вклучува внесување на генетски материјал од вирусот во безопасен вирус со цел да го поттикне имунолошкиот систем за создавање на антитела.
– Јас сакам да се заштитам себеси и моите вработени – вели тој, тврдејќи дека вакцината е безбедна и ефективна.
Руската влада се надева дека ќе ја одобри вакцината на Гинзбург што е можно побргу, со што Министерството за здравство соопшти дека одлуката би можела да биде донесена во следните неколку денови. А доколку вакцината биде одобрена, руските доктори и наставници се очекува да ја примат први.
Русија, сепак, не е единствена која учествува во трката што се забрзува. Откритие би значело дека Москва и Пекинг би можеле да ги заштитат своите граѓани и да ги отворат економиите побргу од своите ривали. Вакцината не би претставувала само напредок во борбата против вирусот, туку би се преточила во моќ, престиж и пари, поради очекуваната побарувачка.
Истовремено, прераното воведување на вакцината која не е подготвена за широка употреба може да има сериозни последици. Политичарите мораат да бидат свесни дека брзиот развој на вакцина не е единствениот предизвик, туку оти мораат да го убедат населението дека вакцината е безбедна, вели Чандракант Лахарија, епидемиолог од Индија.
Според Светската здравствена организација (СЗО) лаборатории о 12 држави развиле 27 вакцини-кандидати, кои сега се тестираат клинички.
Во Москва веќе се зборува за т.н. „момент на Спутник“ во развојот на вакцината, што се однесува на советското лансирање на првиот сателит во 1957 година, пред Американците. Но, епидемиолозите како што е Василиј Власов од вишата школа за економија во Москва, предупредуваат против преуранетата еуфорија.
Дел од вклучените во трката во Индија исто така стануваат нестрпливи. Индиската фармацевстска индустрија е најголемиот произведувач на вакцини во светот, иако повеќето од тамошните вакцини се развиваат во странство поради недостиг на можности во Индија. А премиерот Нарендра Моди би сакал да ја смени таквата ситуација. Најмалку седум индиски компании моментно работат на развој на вакцина против ковид-19, додека „Барат Биотек“ забележа најголем напредок со кандидатот „коваксин“.
Во јуни, содржината на писмото испратено од директорот на индискиот Совет за медицинско истражување протече во јавноста. Според писмото, субјектите на тестирањето требале да примат „ковксин“ најдоцна до 7 јули, за вакцината да биде достапна за јавноста до 15 август – што не е случајно избран датум, туку Денот на независноста на Индија.
Индиската академија на науки бргу објавила соопштение во кое го нарекла рокот „неостварлив“ и неразумен“. Произведувачот тогаш навел дека за можното одобрување на вакцината ќе бидат потребни уште барем пет месеци.
Кина, сепак, е фаворит во трката за вакцина. Три од шесте кандидати кои моментно се во третата фаза на тестирање беа развиени од кинески научици. Но Кинезите се соочуваат со проблем, кој многумина држави би сакале да го имаат – отстуството на случаи на коронавирус потребни за тестирање на вакцината. Ефикасноста на вакцината може да биде соодветно тестирана само во места каде што субјектите се соочуваат со ризик за зараза. Токму затоа, компанијата „Синофарм“ ја извршува третата фаза од тестирањето во Обединетите Арапски Емирати, додека „Синовак“ се упати во Бразил.
Непознат број на војници во кинеската армија веќе примиле вакцина, пред почнувањето на третата фаза. Таа вакцина беше развиена од армиските научници во соработка со компанијата „Кансино“. Еден од доброволците наведува дека научниците детално го информирале за ризиците и оти имал редовни прегледи во текот на шестмесечен период.