Борбата на францускиот претседател за ставање на пандемијата под контрола го подрива дома и во странство, оставајќи го да бара стратегија
За човек кој имаше амбиции да владее како римски бог, пандемијата ја остави распарчена визијата на Емануел Макрон за мултилатерален глобален поредок, доведувајќи го во прашање и неговото лидерство во Франција, пишува „Блумберг“.
Пред неколку месеци, со градините во Елисејската палата во позадина, најмладиот француски водач уште од Наполеон, се фалеше дека државата „не покажала таква енергија со години“. Со реизборот до кој има две години, тој ги истакна плановите за скратување на даноците и намалување на бирократските пречки со кои Франција би се нашла во срцето на Европската Унија вдахната со нов живот.
Денеска, таквата самодоверба се чини далеку, откако борбата за ставање на пандемијата под контрола му наштети на Макрон и дома и во странство.
Втората најсилна економија во ЕУ го забележа првиот случај на ковид-19 во јануари, но со недели владата инсистираше дека носењето маска е бескорисно, дури и додека болеста се ширеше низ француското општество. Макрон не воведе карантин до март, кога повеќето бизниси во Италија и во Шпанија веќе беа разурнати. По големиот пресврт, француската влада сега ги охрабрува луѓето да носат маски надвор.
За политичар кој рамноправно се натпреваруваше со Доналд Трамп и ја повика ЕУ да и се спротистави на Кина, размерот на кризата и на неговата улога во неа, го принуди на одреден степен на самоиспитување. Со падот на неговиот рејтинг, Макрон самиот увиде дека неговата администрација потфрли.
– Дали бевме подготвени за оваа криза? Очигледно, недоволно. Да бидеме искрени, овој момент откри пукнатини – кажа Макрон минатиот месец.
Дури и пред кризата имаше знаци дека Макрон можеби ќе треба да го прилагоди пристапот, откако неговите лекции за сите прашања на глобалните самити, од Иран до климатските промени, не успеаја да издејствуваат резултати, и покрај добриот однос што навидум го имаше со американскиот претседател.
Дома, неговото прво разнишување се случи по протестите на „жолтите елеци“ – движење поттикнато од даноците за горивата, но суштински водено од гневот поради економската неправда и перцепциите за арогантното држење на претседателот.
Надвор од Франција, неговото барање за реформи во ЕУ стана особено наметливо откако противниците меѓу кои беа Холанѓаните и Австријците ги опструираа апелите на Макрон за потесна интеграција, или кога доби поддршка за буџетот, ги разводнија неговите предлози до точката на незначителност.
Сето ова значеше, дека кога удри кризата, неговиот политички капитал беше на ниска точка. Како што неговиот начин на справување со вирусот наиде на критики во Франција, неговиот кредибилитет кон партнерите во ЕУ дополнително ослабна, а повиците за издавање на заеднички еврообврзници за финансирање на економското опоравување, лесно беа отфрлени. Неговите предлози за грантови од фондот на ЕУ поминаа незначително подобро.
Предпуредувањата на Макрон дека ЕУ ризикува распад ако Холанѓаните не ги прифатат неговите барања, стануваат пошупливи со секое повторување.
Ако Макрон сфаќа дека можеби никогаш нема да издејствува голема зделка каква што посакува за Европа, разочарувањето од политичката идеологија настапи уште побргу на домашен терен.
Вистината е дека Макрон очајнички бара нов идентитет. Јупитерското држење кое тој го замислуваше пред изборите сега претставува непријатно сеќавање. Во март тој се претстави како претседател во воена состојба, водејќи ја Франција во битка против вирусот. Месецов кажа дека е тигар.
Кога пандемијата ќе биде ставена под контрола, француската политичка класа ќе почне да го насочува вниманието кон претседателските избори предвидени за 2022 година. А како што вршителот на должноста бара втор мандат, се јавува прашањето – за што се залага Макрон сега?