Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, истакна дека сака да спречи ново затворање на земјата, поради што е важно брзо да се препознаат регионалните жаришта.
Тој изјави дека заради тоа, потребно е да се инвестира во брзи тестови.
– Ќе мора да продолжиме да се носиме со коронавирусот сè додека не се најде лек или вакцина. Тековната состојба може да се спореди со хармоника, која постојано е во движење. Секогаш ќе има чекори напред и назад. Така е и во другите земји со кои разменуваме информации, како на пример Израел и Австралија. Мора да бидеме побрзи во тестирањето и ќе инвестираме 390 милиони евра во брзи тестови – објасни Курц во интервју за виенскиот весник „Остерајх“.
Тој нагласи дека кога има инфекција, заболените треба што поскоро да се изолираат за да се прекине синџирот на пренесување, што е направено, на пример, во покраината Горна Австрија, каде што училиштата беа затворени поради жариште.
Канцеларот посочи дека граѓаните никогаш не смеат да заборават дека вирусот не исчезнал и оти пандемијата продолжува.
– Иако времето е убаво и учебната година заврши, мора да останеме внимателни. Потрошувачката, храната, шопингот се важни за нашата економија, но неопходно е да се почитуваат потребните правила во овие активности, особено одржувањето на физичко растојание – рече Курц.