Во март, Унгарија стана првата демократија која „му подлегна на коронавирусот“. Со голема брзина, унгарскиот премиер Виктор Орбан избутка итен декрет што му даде исклучителна моќ на неодреден период, воведувајќи драконски рестрикции врз политичките слободи, пишува „Форин полиси“. Експертите веднаш почнаа да дебатираат која демократија следна ќе падне по автократското приграбување на моќта.
Додека другите демократии се соочуваат со зголемени политички превирања, ниту една досега не искуси слично грабање на моќта. Имаше повеќе случаи на опаѓање на демократијата за време на пандeмијата, вклучувајќи ги неочекуваните слабости на лидерството, популистичката консолидација на моќ, несигурностите во политичката транзиција, како и насилните сузбивања кои го подриваат државниот легитимитет. Ако демократиите кои ги искусуваат овие проблеми не можат да го сменат курсот, политичките последици ќе бидат сериозни.
Нишањето на политичките власти предизвикано од пандемијата се шири, но тоа е особено сериозно во Бразил, Индонезија и на Филипините. Додека нивните демократски лидери губат поддршка преку несоодветното справување со пандемијата, други успеваат да ја консолидираат моќта на сомнителен начин. Индија, Израел, Полска и Шри Ланка претставуваат очигледни примери. Други демократии, вклучувајќи ги Боливија и Либан, сега се соочуваат со политичка транзиција која беше прекината од пандемијата.
Последниот, а веројатно и најопасен вид на демократско нарушување во пандемијата, претставува насилството од страна на безбедносните сили за одржување на рестрикциите во карантинот. Во Нигерија и во Кенија полициските сили убија десетици луѓе за да ги спроведат строгите полициски часови. Во Кенија најмалку 12 луѓе беа застрелани од полицијата, според „Вашингтон пост“.
– Коронавирусот се покажува како сериозен тест за демократиите ширум светот. Ако демократското назадување се засили, тогаш можеме да додадеме уште една жртва од страшната инфекција на коронавирусот – пропаста на демократиите кои беа премногу кревки за да ги издржат авторитативните налети на нивните лидери – се заклучува во анализата на „Форин полиси“.