Европската Унија (ЕУ) честропати се гордее со себеси дека излегува посилна од секоја криза во која влегла. Но, вакцинацијата на нејзината популација можеби е првиот исклучок од ова правило, објавува „Блумберг“.
Одлуката на неколку земји-членки за запирање на имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“ поради загриженост од несакани ефекти, открива недостатоци во системот на ЕУ што се закануваат да ја ослабнат и политички и економски.
Според неколку службени лица на Унијата, ваквата одлука не е донесена заеднички, со координирање и советување со извршната власт на ЕУ во Брисел.
Иако Италија и Франција се подготвуваат да ги укинат забраните за вакцинација со „Астра зенека“, додека одлуката им наштети на угледот и на економијата на Унијата, а Европската агенција за лекови, која е регулатор за целиот блок, инсистираше на тоа дека вакцината е безбедна, како и дека забраната е ризик за нарушување на довербата во вакцините.
– Ова изгледа како доста некоординирана, спонтана одлука, која можеби настана од политичка нервоза кај членките. Ваквите потези беа одговорни за бавното вакцинирање – изјави Гунтрам Волф, директорот на бриселскиот институт „Бројгел“.
По зголемениот број на смртни случаи поради коронавирусот, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки, последиците од нередот во кој се наоѓа Европа се длабоки, а официјалните лица прашуваат како ЕУ западна во толку тешка ситуација.
– Вакцинирањето, или недостатокот од вакцинирање, ќе донесе долготрајни ефекти врз политиките во ЕУ. Владите би можеле да ја изгубат довербата и моќта, а економијата ќе закрепнува бавно – вели Камино Мортера, виш научен соработник во Центарот за европски реформи во Брисел.
Според италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, одлуката да се запре вакцинирањето со „Астра зенека“ не е политички мотивирана, ниту казна за компанијата за нејзините пропусти во испораката на вакцините. Но, многумина не се согласуваат со него.
Неиуменуван претставник на одредена европска влада за „Блумберг“ откри дека темелите на сегашната состојба се поставени во раниот период од вакцинацијата, кога Германија пројави загриженост за ефектите на вакцината по здравјето на старите лица. Токму тоа изврши притисок врз другите земји да го следат нејзиниот пример. Одлуката на Германија да го прекине вакцинирањето доведе до верижна реакција во целиот блок.
При одбележувањето на Денот на Европа, 9 мај, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се повика на Роберт Шуман, еден од основачите на ЕУ, кој покажа дека „излегувањето од моменти на криза бара ново политичко размислување и излегување од минатото“, тврдејќи дека за време на пандемијата „ЕУ мора да го стори истото“.
– Мораме да признаеме дека Европа што ќе излезе од оваа криза не може и нема да биде истата со Европа што влезе во кризата – рече таа.
Додека владата на Велика Британија ризикуваше со набавка и инвестирањето во вакцините побрзо од ЕУ, придржувањето на ЕУ кон научните процеси и посветувањето на воведувањето карантини ја направи Унијата послаба. Таквиот недостаток на флексибилност беше една од причините наведени од Велика Британија за напуштање на блокот, а можеби играше улога во ќор-сокакот со кој сега се соочувааат ЕУ и „Астра зенека“, се заклучува во анализата на „Блумберг“.