Премиерот на Италија, Џузепе Конте, им порача на Италијанците дека може да очекуваат да ги поминат своите одмори на плажите бидејќи земјата постепено ги укинува ограничувањата наметнати како дел од борбата против епидемијата на коронавирус.
– Летото нема да го поминеме на балконите, оставајќи ги во карантин убавините на Италија. Ќе можеме да одиме на брегот, планините и во нашите убави градови – изјави Конте за неделното издание на „Кориере дела сера“.
Тој додаде дека би било убаво ако Италијанците ги поминат одморите во Италија, иако одморите ќе бидат поинакви бидејќи луѓето ќе мора да ги следат препораките и мерките на здравствениот штаб и да бидат внимателни.
Конте не кажа дали на Италијанците ќе им биде дозволено да патуваат во странство и рече дека сè уште не е познато дали ќе се укине ограничувањето бидејќи зависи од текот на епидемијата.