Прелиминарна студија спроведена од научници од Универзитетот во Пекинг и Институтот Пастер во Шангај, покажува дека постојат два вида од новиот коронавирус од кој едниот е поагресивен тип, а другиот носи поблаги симптоми.
Американски Си-ен-би-си известува дека е утврдено дека поагресивниот вид на вирусот бил доминантен во раните фази на епидемијата во Вухан, кинески град каде првпат беше откриен ковид-19 кон крајот на минатата година.
Сепак, интензитетот на тој вид вирус се намалил од почетокот на јануари.
Кинеските истражувачи велат дека наодите на студијата сугерираат дека развојот на нови варијации на вирусот веројатно е предизвикан од мутации и природна селекција, како и со рекомбинација, пренесува американската мрежа.
– Овие откритија се силна потврда за итна потреба од понатамошни итни и сеопфатни студии со кои се комбинираат информациите за геноми, епидемиолошки податоци и графикони со записи од клинички симптоми на пациенти со ковид-19 – велат истражувачите.
Наодите беа објавени во магазин на кинеската Академија на науките.