Италијанските власти размислуваат за построги забрани за движење на населението, откако податоците од телекомуникациските компании покажаа дека сè уште премногу луѓе се движат наоколу.
Во Ломбардија, регионот најтешко погоден од епидемијата, 40 проценти од луѓето сè уште се движат на отворено, објави во средата Регионалниот комесар за здравство, Џулијо Галера за „Раи“.
Информациите ги отстапиле телекомуникациските компании, соопшти Галера, отфрлајќи го тврдењето дека станува збор за повреда на приватноста бидејќи, според критичарите, тоа се анонимни податоци.
– Никој не проверува никого во манир на Големиот брат – подвлече тој.
Министерот за спорт, Винченцо Спадафора, изјави дека владата ќе разгледа нови мерки, како што е забраната за џогирање, затоа што се чини дека многу луѓе и натаму ги потценуваат ризиците.
Цела Италија е ставена во карантин од 10 март и луѓето треба да ги напуштат своите домови само доколку не можат да работат од дома или заради итни обврски како што се купување храна и лекови.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека повеќе од еден милион луѓе биле запрени од полицијата во периодот од 11 до 17 март и поднела прекршочни пријави против скоро 45.000 од нив за кршење на вонредните правила за движење.
Во Милано, метрото е преполно во најфреквентните часови од денот, според сликите објавени на социјните мрежи.
Во Ломбардија се повеќе од половина од италијанските случаи на заразени со коронавирус, а две третини од заразените умреа.