Земјите од Источна Европа бележат висок број на нови инфекции со коронавирус, при што Русија има рекорден број на смртни случаи како последица на инфекцијата, а Бугарија најголем дневен пораст, со мал број вакцинирани, објави денеска агенцијата „Ројтерс“.
Русија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Романија и Полска се тешко погодени од новиот бран на вирусот.
Русија денеска забележа 1.123 нови смртни случаи, најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата, а властите одлучија да воведат мерки за делумно затворање.
За 24 часа има 36.582 нови случаи, од кои 5.789 во Москва.
Русија ќе има национално затворање во првата недела од ноември, кога работниците нема да одат на работа. Москва таа мерка ја воведува веќе од утре. Ќе работат само основните услуги, како што се аптеки и супермаркети.
Бугарија забележа 6.813 нови случаи во последните 24 часа, што е рекорден дневен пораст во најмалку вакцинираната земја во ЕУ, покажуваат денешните податоци.
Починале 124 лица, така што вкупниот број на починати како последица од Ковид-19 сега изнесува 23.440.
Привремената бугарска влада наметна ковид-сертификати за влез во повеќето затворени простори за да се спречи ширењето на позаразната делта варијанта и за да се поттикне вакцинацијата. Само четвртина од возрасните примиле барем една доза од вакцината во соседната земја.
Властите велат дека вакцинацијата сепак е забрзана откако ковид-сертификатот стана задолжителен минатиот четврток. Во последните 24 часа се употребени повеќе од 26.000 дози.
Сепак, многу Бугари остануваат скептични за вакцината поради недовербата во државните институции, дезинформациите и контрадикторните пораки од политичарите и експертите пред третите парламентарни избори закажани за оваа година, на 14 ноември, пишува „Ројтерс“.
Чешка, земја со 10,7 милиони жители, денеска пријави најмногу нови случаи од април, 6.274, речиси двојно повеќе од пред една недела.
И покрај ваквиот раст, бројот на заболени и хоспитализирани сè уште е под разгорот на заразата на почетокот на оваа и на крајот на минатата година.
Вакцинацијата во земјата се забрзува и 6,06 милиони луѓе сега се целосно вакцинирани.
Унгарија денеска забележа 3.125 нови случаи, исто така најмногу од април, а луѓето се повикуваат на вакцинација.
Иако и во таа земја бројките растат, сепак тие се помали во споредба со другите земји од централна и источна Европа, истакнува „Ројтерс“.
Романија е најтешко погодена од новиот бран на Ковид-19 и има една од највисоките стапки на смртност во светот.
Полска денеска има 8.361 нови случаи на инфекција со коронавирус и 133 смртни случаи.
Од почетокот на пандемијата во таа земја со околу 38 милиони луѓе, скоро три милиони се заразени, со 76.672 смртни случаи.