Досега се чинеше дека Индија е погодно место за дивеење на коронавирусот. Здравствената инфраструктура во земјата е неразвиена, густината на населението е голема во урбаните области, а земјата веќе страда од туберкулоза и маларија. Сите беа подготвени за претстојната ковид-катастрофа, која за чудо не се случи веднаш, пренесува „Форин полиси“.
Тоа беше благодарение на властите, кои брзо спроведоа мерки за затворање низ целата земја, како и за носењето заштитни маски. Но, набрзо проблемите се наталожија. Малиот буџет за лекови за справување со вирусот, како и намалените примања на жителите, беа причина опасноста од пандемијата полека да почне да се игнорира и да не се сфаќа сериозно.
Откако во февруари и март бројот на заразени почна да се зголемува, и властите станаа помалку одговорни. Министерот за здравство, Харш Вардан, учествуваше на настан за поддршка на лековите од традиционалната индиска ајруведска медицина, за кои Светската здравствена организација посочи дека се неефикасни во борбата против вирусот.
Потоа на ред дојдоа изборите и митинзите. Речиси секој голем политички лидер собираше илјадници гласачи на митинзите. Премиерот Нарендра Моди првично требаше да се обрати на повеќе од 20 митинзи. Ниту земјоделците не дадоа подобар пример. Нивните протести, кои почнаа минатата есен, привлекуваат сѐ поголем број демонстранти во камповите, каде што вирусот продолжува да се шири.
Тука се и религиозните собири. Во март беше одржан муслимански верски собир во Делхи, кој се претвори во т.н. суперширител на заразата. Собирот и учесниците беа критикувани од хинду-популацијата, но и на нивните религиозни настани се случи истото. Дневно се собираа и до 30 милиони луѓе на одредени манифестации, и покрај зголемувањето на бројот на заразени, а присутните не носеа заштитни маски и го игнорираа социјалното дистанцирање.
Откако беа донесени сите овие одлуки, индиските политичари почнаа да ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. Поради зголемениот број заразени, дел од нив одлучија да ги водат нивните последни кампањи онлајн, но веќе беше предоцна за тоа.
Набрзо се видоа и резултатите од сите одлуки. Здравството има постојан недостиг од кислород, нема доволен број кревети за болните, така што честа е приликата при која двајца заразени да лежат на еден кревет, а печките на крематориумите почнаа да се топат поради прекумерна употреба.
Се предвидува дека во средината на мај Индија ќе забележи нов пик на заболени. Оние кои ја доведоа земјата во оваа ситуација ќе имаат лесен пристап до кислородот и до лековите кои им се потребни, додека луѓето кои најмногу ќе страдаат се оние кои и досега страдаа, сиромашната и работничката класа што само ги следеше примерите дадени од политичарите, заклучува „Форин полиси“.