Првата дама Меланија Трамп нема да го посети американскиот претседател Доналд Трамп во медицинскиот центар „Волтер Рид“ бидејќи не сака да ги доведе во ризик луѓето што се грижат за него, објави „Њузвик“. Претседателот и првата дама беа тестирани позитивни на ковид-19 во четвртокот, а Трамп беше примен во болница следниот ден. Меланија Трамп уште не го посетила.
Дипа Шиварам од Ен-би-си истакна дека дошла до информации оти првата дама нема да го посети Трамп поради ризикот кој посетата би го претставувала за агентите на Тајната служба и за персоналот на Белата куќа.
Шиварам која ги следи претседателските избори и кампањата на кандидатката за потпретседателка, Камала Харис, нагласи дека пристапот на првата дама е поинаков од оној на нејзиниот сопруг, кој накратко ја напушти болницата, што наиде на негодување и жестоки критики.
– Постои контраст со тоа што првата дама покажува претпазливост, додека претседателот, како што знаете, ја напушти болницата откако му беше дијагностициран ковид-19, и се возеше во автомобил со агенти на Тајната служба, а возачот исто така не беше на потребната дистанца, со што ги доведе во ризик – вели Шиварам.
Д-р Џејмс Филипс од болницата „Волтер Рид“ преку Твитер изрази загриженост дека возењето на претседаталот со автомобил можеби ги загрозило луѓето во негова близина, што Меланија Трамп се обидува да го избегне.