Европската комисија утре ќе одобри уште еден договор за набавка на 160 милиони дози вакцини од компанијата „Модерна“, објави денеска претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен.
– Задоволство ми е да објавам дека утре ќе одобриме нов договор за набавка на уште една вакцина против ковид-19 – рече фон дер Лејен.
Ова е шести договор кој Комисијата со земјите-членки го потпишува со фармацевтски компании за набавка на вакцини против коронавирусот.
Фон дер Лејен рече дека работат на уште еден, седми договор, нагласувајќи дека ЕУ ќе има најголемо портфолио на вакцини во светот, што ќе бидат достапни кога ќе поминат низ процесот на детално одобрување од страна на Европската агенција за лекови.
Таа додаде дека вакцината е најефективниот начин да се запре пандемијата и затоа првиот приоритет е брзо да се набават вакцините, додека вториот приоритет е да се осигура дека вакцината е достапна за сите во светот. Европската Унија веќе даде голем придонес во обезбедувањето доволен број дози на вакцини за посиромашните земји.
Американската компанија „Модерна“ минатата недела објави дека експерименталната вакцина на која работи е 94,5 проценти ефикасна против ковид-19. Ова тврдење се заснова на најновите податоци од последната фаза на клиничкото испитување.