Бројот на нови случаи од коронавирус во Европа се зголемува веќе петта недела по ред, што ја прави единствениот регион во светот каде инфекцијата со ковид-19 продолжува да расте, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Во неделниот извештај за пандемијата се наведува дека бројот на нови случаи скокнал за 6 отсто во Европа, пренесуваат агенциите.
Неделниот број на нови заразени во другите региони опадна или остана приближно ист, се наведува во извештајот.
Најголем пад е забележан на Блискиот Исток, каде бројот на новозаболени е намален за 12 отсто и во Југоисточна Азија и Африка, каде што бројот е намален за девет отсто.
Вкупно три милиони нови неделни случаи се пријавени во светот, се вели во извештајот.
Бројот на смртни случаи од ковид-19 во светот е зголемен за 8 отсто, главно поради Југоисточна Азија, каде стапката на смртност се зголемила за 50 отсто.
Стапката на инфекција со коронавирус е убедливо највисока во Европа, која пријави околу 192 нови случаи на 100.000 луѓе, а потоа следат Северна и Јужна Америка, кои имаат околу 72 нови случаи на 100.000 луѓе.
СЗО, исто така, ги осуди богатите земји за воведувањето на дополнителни дози, во време кога повеќето сиромашни земји допрва треба да администрираат вакцини за нивните најранливи популации.