Речиси 237 милиони дози од вакцината на „Астра зенека“ против Ковид-19 се очекува да бидат доставени во 142 земји до крајот на мај во рамките на програмата „Ковакс“, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус.
Тој рече дека е предвидена испорака на вакцини во Ангола, Камбоџа, Демократска Република Конго и во Нигерија, јави „Ројтерс“.
Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо, изјави дека во неговата земја почнала имунизацијата со вакцини од програмата „Ковакс“.
Денес, преку програмата „Ковакс“ беше одобрена набавка на речиси 1,8 милијарда дози вакцини во 2021 година, што е речиси 500 милиони повеќе од планираното на крајот на минатата година, објави организацијата задолжена за координација на програмата „Ковакс“.
Првиот човек, Сет Беркли, рече дека се надева дека преку „Ковакс“ успешно ќе завршат преговорите за набавка на дополнителни 1,1 милион дози вакцини „новавакс“.
Тој објасни дека има доцнење во испораката на одреден број вакцини за „Ковакс“ од компанијата „Фајзер/ Бионтек“ поради дополнителни барања од производителите во врска со исплатата од обесштетување, објави „Ројтерс“.
Советникот на Светската здравствена организација, Брус Ејлворд, потврди дека планот за почнување на вакцинацијата во рамките на програмата „Ковакс“ во првите 100 дена од оваа година во сите земји што учествуваат во таа програма е сè уште валиден под услов производителите да се придржуваат до договорените рокови за испорака.