Земјите од Европската Унија треба да го земат предвид глобалниот недостиг на вакцини против ковид-19 пред да почнат да вакцинираат адолесценти, објави денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (EЦДЦ).
Минатата недела Европската агенција за лекови (ЕМА) ги одобри вакцините на „Фајзер“/„Бионтек“ за деца на возраст од 12 години.
Претходната препорака на ЕМА беше овие вакцини да им се даваат на тинејџери постари од 16 години.
ЕЦДЦ повика на одложување на вакцинацијата на млади луѓе во богатите земји и наведе дека имунизацијата на адолесцентите треба да биде приоритет само кога се изложени на висок ризик од развој на сериозни симптоми на коронавирус.
ЕЦДЦ има советодавна улога во Европа во врска со вакцинацијата, која ја спроведуваат националните влади.
Студиите покажуваат дека повеќето луѓе на возраст под 20 години, кои се заразуваат од коронавирус, имаат благи симптоми, но ризиците се зголемуваат кај оние што имаат невролошки или белодробни заболувања, соопшти ЕЦДЦ.