Научниците од Велика Британија предупредуваат дека две дози вакцина против коронавирус не се доволни за да се спречи инфекција со новиот сој омикрон, пишува Би-би-си.
Раната анализа кај случаи заразени со омикрон и делта-сојот во Велика Британија покажале дека вакцините се помалку ефикасни во запирање на сојот омикрон. Сепак, третата доза од вакцината значително ја зголемила заштитата, на околу 75 проценти.
Британската агенција за здравствена безбедност објави дека вакцините сè уште обезбедуваат добра заштита од тешка форма на инфекција која инаку би барала болничко лекување. Загриженоста за послабата ефикасност на вакцината се појави по откривањето на омикронот, мутација на вирусот.
Истражувачите анализирале податоци од 581 случај на омикронска инфекција и илјадници случаи на делта инфекција за да пресметаат колку вакцините биле ефективни против новиот сој. Студијата покажала голем пад на ефикасноста на вакцината на „Астра зенека“ и значителен пад по две дози на „Фајзер“. Сепак, третата доза ја зголемува заштитата од симптоми на коронавирус од 70 и 75 проценти.
Се проценува дека повеќе од половина од сите новозарзени лица во Велика Британија ќе бидат заразени со омикрон до средината на декември и дека ако овој раст продолжи со несмалено темпо, во таа земја ќе има повеќе од еден милион заразени до крајот на оваа година.
Овие рани проценки треба да се земаат со претпазливост, велат упатените, но тие укажуваат дека неколку месеци по втората доза на вакцината постои поголем ризик од инфекција со омикрон во споредба со делта-сојот. Научниците очекуваат дека вакцините сепак ќе покажат поголема заштита од сериозни компликации и ги повикуваат луѓето да се вакцинираат.