Во Данска на луѓето кои примиле две различни вакцини, ќе им се понуди трета доза за да им се даде статус на вакцинирани лица надвор од Шенген зоната каде што важат различни прописи.
Данското Министерство за здравство соопшти дека на луѓето кои примиле различни вакцини ќе им биде понудена трета доза по завршувањето на националната програма за вакцинација.
Причината за ова е што неколку земји надвор од ЕУ и Шенген зоната не дозволуваат влез на оние кои се вакцинирани со различни вакцини односно не ги сметаат дека се целосно вакцинирани. Ова може да предизвика проблеми со патувањето за приближно 150.000 дански граѓани кои примиле две различни вакцини.
Вкупно 151.335 граѓани, претежно здравствени работници, првично ја примија вакцината на „Астра зенека“, но потоа беше отстранета од официјалната програма за вакцинација во Данска, поради загриженост за згрутчување на крвта. Потоа им беше дадена или вакцината на „Фајзер“ или на „Модерна“.