Фото: Маја Јаневска-Илиева

Епидемијата од светски размери, која човештвото ја живее првпат, ги стави на тест образовните системи низ светот, вклучувајќи ги и европските. Секој систем си има свои специфики, па затоа секоја држава се однесува различно кога станува збор за работењето на градинките, училиштата и на факултетите во услови на пандемија. Иако во ефикасноста на онлајн-наставата немаа доверба ни еминентни професори во светот од развиени земји, сепак во европските држави тој процес е во тек, а учењето на далечина не запре ниту во нашата држава.
Во меѓувреме, Европската комисија преку европската информативна мрежа за образовни системи и политики „Евридика“ објави компаративни мапи што прикажуваат како реагираат европските образовни системи на пандемијата на ковид-19. Тие ја опфаќаат состојбата во институциите за предучилишно/рано детско образование и грижа, потоа во основните и средните училишта, како и во институциите за високо образование. „Нова Македонија“ во серија написи ќе ги анализира
овие прикази со податоци.

АНАЛИЗА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“: КАКО KOВИД-19 ГИ ЗАКОЧИ ОБРАЗОВНИТЕ СИСТЕМИ ВО ЕВРОПА (1)

Системот за грижа на деца, заедно со образовниот систем, се смета за „затворен“ кога децата не ги посетуваат институциите што нудат грижа и предучилишно и училишно образование. Eден од приказите на Европската комисија дава слика каква е ситуацијата во европските држави за целокупното предучилишно образование и грижа од раѓањето па до задолжителното основно образование.

Она што се забележува е дека градинките, центрите за дневен престој и грижа работат непречено во скандинавските земји, како и во Естонија, Унгарија, Белгија, Швајцарија и во Чешка. Белгиските власти, на пример, уште на средината на март одлучија училиштата да бидат затворени, но услугата за дневна грижа да биде на располагање за родителите што работат и немаат друга алтернатива за чување на децата. Освен тоа, и градинките таму останаа отворени и работат вообичаено.

Најмногубројни се државите во кои дневните центри за грижа на деца и градинките се затворени сѐ додека властите не одлучат поинаку. Овде, освен Македонија, се и Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Австрија, како и Велика Британија и Ирска, но и Шпанија и Португалија. Родителите во овие земји немаат алтернатива, па децата од предучилишна возраст седат дома. Во нашата земја, до пред пандемијата, во градинка одеа над 30.000 деца, што е опфат од околу 30 отсто од вкупниот број деца што се на предучилишна возраст. Нашите здравствени власти ги затворија градинките и училиштата затоа што, како што рекоа, децата се поотпорни на вирусот за разлика од возрасните но се сериозни преносители.Најголемата грижа уште од почетокот на епидемијата е да не се преоптовари здравствениот систем со пациенти, бидејќи нашите болници немаат капацитет да примат преголем бран заразени лица. Дека децата го шират вирусот е согласен и епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.

Во нашата држава, до пред пандемијата, во градинка одеа над 30.000 деца, што е опфат од околу 30 отсто од вкупниот број деца што се на предучилишна возраст. Нашите здравствени власти ги затворија градинките и училиштата затоа што децата се поотпорни на вирусот за разлика од возрасните но се сериозни преносители. Најголемата грижа уште од почетокот на епидемијата е постојано истата – да не се преоптовари здравствениот систем со пациенти, бидејќи нашите болници не би се справиле со преголем бран заразени лица

– Вирусот се шири низ населението многу пред да се јават првите случаи со симптоми, и тоа преку децата, а тоа го покажа искуството во Кина. Тие се дел од населението што се најдинамични, остваруваат многу социјални контакти, а истовремено инфицираните поединци може воопшто да немаат никакви симптоми или да имаат симптоми на лесна настинка. Така, играат улога на сејачи на зараза. Затоа беше неопходно на децата да им се ограничи можноста да го шират вирусот, па затоа се затворија градинките и училиштата – вели проф. д-р Драган Даниловски.
Kaко и секаде, работата на градинките е тесно поврзана со родителите што одат на работа. Според мапата на „Евридика“, градинките во Полска и во Литванија ќе бидат затворени до крајот на овој месец, а до средината на мај нема да работат градинките и дневните центри за грижа во Грција, Бугарија, Романија, Франција и во Летонија.

 

(продолжува)