Иако постои позитивен тренд во бројот на новозаболени, Германците се скептични и не сакаат прерано попуштање на мерките преземни против коронавирусот, покажува истражувањето на институтот „Југов“.
Според тоа, 44 отсто сакаат продолжување со рестриктивните мерки по 19 април, а дополнителни 12 отсто се за поголемо заострување.
На друга страна, како што пренесува германскиот дневник „Билд“, 32 отсто се изјасниле за попуштање на мерките, а 8 отсто за целосно укинување.
Подготвеноста за придржување до рестриктивните мерки и натаму е висока – 78 отсто строго се придржуваат, 18 отсто делумно, а само 2 отсто не ги почитуваат мерките.
На овој начин дисциплината, како што произлегува од истражувањето нарачано од агенцијата ДПА, останала на речиси исто ниво како при воведување на рестриктивните мерки кон крајот на март, кога уште 83 отсто навеле дека во целост ги почитуваат мерките.