Иако стотици волонтери од Јужна Африка учествуваа во испитувањата за откривање на ковид-вакцината, сепак земјата нема гаранција дека ќе ги добие потребните дози за да го вакцинира остатокот од нејзиното население, пренесува „Њујорк тајмс“.
Се претпоставува дека додека Јужна Африка да добие дел од ветените дози, САД, Канада и Велика Британија ќе вакцинираат околу 100 милиони лица. Пандемијата ни покажа дека парите не се фактор за овозможување на вакцината.
Сепак, земјите како Јужна Африка се во неизбежна ситуација. Иако половина од нејзините граѓани живеат во сиромаштија, Јужна Африка се смета за премногу богата за да се квалификува за добивање на најевтините вакцини од меѓународни организации за помош.
Затоа до средината на следната година, јужноафриканските власти се надеваат дека ќе ги обезбедат своите први дози преку глобална иницијатива Ковакс насочена кон соработка со производителите на вакцини за сиромашните земји. Но, многумина во земјата веруваат дека вакцините ќе останат привилегија за богатите.
– Луѓето што имаат моќ и пари ќе ја добијат вакцината. Ние останатите ќе ја добиеме вакцината до 2025 година, но дотогаш можеби сите ќе бидеме мртви. Затоа се пријавив на испитувањата, ова е единствената шанса што ја имам – вели Пруденс Нонзамедијанти.
Некои надежта ја гледаат во волонтирањето, преку кое ќе добијат вакцина, а во некои случаи, плацебо. Овој начин на барање спас исто така покрена етички прашања.
Иако Јужна Африка учествува во создавањето на четири вакцини, нема гаранција дека ќе добие од дозите доколку испитувањата се успешни. Ваквата гаранција исто така би била нефер, бидејќи земји кои учествуваат во неуспешни истражувања не би добиле ништо за возврат.
– Во 1990-тите, кога антиретровирусни лекови за лекување на ХИВ биле развиени, Јужноафриканците доброволно се пријавиле на клинички испитувања, знаејќи дека никогаш не би можеле да си го овозможат лекот на друг начин. Ако не сте во можност да го купите лекот, умирате. Истото се случува и сега – објаснува Франсоа Вентер, истражувач на Универзитетот во Витватерсранд, Јоханесбург.
Јужноафриканските медицински советници велат дека системот на Ковакс е фрустрирачки. Владите мора да плаќаат однапред без да знаат каква вакцина ќе добијат и не добиваат гаранции кога дозите некогаш воопшто ќе пристигнат кај нив. „Ковакс“ ја проценува цената на вакцината, а самите земји го преземаат целиот ризик ако вакцината не е успешна или ако нешто тргне наопаку.
Но, бидејќи Јужна Африка не нарача вакцини од приватни компании, можеби ќе мора да се сврти кон сопствениот домашен производител на лекови, „Аспен Фармакер“.
Според договорот со „Џонсон и Џонсон“, „Аспен Фармакер“ се очекува да произведе милиони вакцини, за кои не е потребен транспорт во ладилник и ќе се состои од една доза отколку две.
„Џонсон и Џонсон“ ветија дека ќе ги продаваат своите вакцини по ниски цени и ќе обезбедат половина милијарда дози на „Ковакс“ за помош на сиромашните земји. Извршниот директор на „Аспен Фармакер“, Стивен Саад, сепак призна дека не постои гаранција дека тие ќе завршат токму во Јужна Африка.