Белата куќа ги демантираше информациите дека американскиот потпретседател Мајк Пенс е во карантин по информацијата дека една од неговите соработнички е заразена со коронавирус. Портпаролот на американскиот потпретседател, Девин О’Мали соопшти дека Пенс ќе дојде денеска на работа како и вообичаено, бидејќи има негативни тестови на вирусот.
– Потпретседателот Пенс ќе продолжи да ги следи советите на медицинскиот тим на Белата куќа и не е во карантин – рече тој.
Претходно Блумберг јави дека потпретседателот на САД, Мајк Пенс е во самоизолација, надвор од Белата куќа, откако беше потврдено дека неговата портпаролка е заразена со коронавирус.
Портпаролката на Пенс, Кејти Милер, во петокот беше дијагностицирана со коронавирус, што е втор случај во Белата куќа, по маринецот во служба на претседателот Доналд Трамп кој беше позитивен на тестовите претходниот ден.
Пенс и Трамп секој ден се тестираат за коронавирус. Тројца членови на тимот на Белата куќа за борба против коронавирусот остануваат во изолација поради можна изложеност на вирусот, објавија американските медиуми во саботата.
Епидемиологот Ентони Фаучи, директорот на Центарот за спречување на заразни болести (ЦДЦ) Роберт Редфилд и директорот на Федералната управа за лекови (ФДА) Стивен Хан се под изолација. Во епидемијата во САД починаа речиси 80.000 луѓе во САД.