Австралија објави дека обезбедила резерви на потенцијалната вакцина против коронавирусот и дека ќе може да понуди бесплатни вакцини за целото свое население од 25 милиони жители.
Станува збор за вакцината што заеднички ја развиваат фармацевтската компанија „Астразенека“ и Универзитетот Оксфорд.
– Доколку клиничките испитувања се успешни, договорот со „Астразенека“ ќе обезбеди брз пристап до секој Австралиец – рече премиерот Скот Морисон, додавајќи дека вакцинацијата веројатно ќе биде задолжителна.
Вакцината на „Оксфорд“/„Астразенека“ е една од петте потенцијални вакцини кои влегоа во напредна фаза на клинички испитувања, а земјите ширум светот сакаат да обезбедат снабдување за нивното население.
– Доколку оваа вакцина се покаже успешна, веднаш ќе произведеме и доставиме бесплатни дози за 25 милиони Австралијци – рече Морисон.
Австралија, исто така, потпиша договор од 18 милиони долари со американската фармацевтска компанија „Бектон Дикинсон“ и обезбеди испорака на 100 милиони игли и шприцови.
Морисон навести дека вакцинацијата против коронавирус би можела да биде задолжителна, иако сè уште нема официјална потврда за таа одлука.
– Вакцинацијата ќе биде задолжителна колку што е можно. Секако, секогаш постојат исклучоци од медицински причини, но тоа би требало да биде единствената основа – рече премиерот во радиоизјава.