Чешката влада ќе им дозволи на асимптоматските здравствени работници за брза помош и социјалните работници за кои е потврдено дека се заразени со коронавирусот да продолжат со работа, соопшти Министерството за здравство.
Новите правила се помалку амбициозни од претходно предложените од владата, која рече дека составува поширок список за критичниот персонал, вклучувајќи ги службите за итни случаи, полицијата и работниците од енергетската индустрија кои би можеле да бидат вклучени во програмата, анализираат медиумите во таа земја.
Потегот на Чешка е најново олеснување на мерките во Европа. Европските земји се обидуваат да најдат начин како да ја одржат работата на службите додека во исто време се шири заразниот сој на омикрон. Министерот за здравство Властимил Валек изјави за новинарите дека владата се надева дека ќе може да го контролира бранот на инфекции со омикрон, кој е причина за повеќе од 10.000 заразени луѓе дневно.
– Ќе бидат воспоставени мерки за да се обезбеди нула ризик од инфицирање на работната сила. Оние кои треба да продолжат да работат ќе можат само да одат на работа и да се вратат дома. Ќе мора да носат маски и да јадат во посебни простории“, рече министерот и додаде дека новите мерки ќе опфатат неколку стотици работници, а ќе се применуваат само кога е потребно. Ќе бидат поставени мерки на таков начин што ќе се обезбеди нула ризик од заразување на работниот колектив – изјави Валек.
Владата веќе нареди тестирање во училиштата од понеделникот, а работниците ќе мора да се тестираат двапати неделно. Валек предвидува дека до почетокот на следната недела ќе има и до 20.000 инфекции дневно, а до крајот на истата недела можеби и до 50.000 заразени лица. Валек повтори дека стратегијата на владата е да го забави ширењето на омикронот меѓу населението и да избегне колапс на болниците.