Експертите од Светската здравствена организација (СЗО) предупредија дека континуираното давање бустер-дози не е добра стратегија во борбата против новите варијанти на Ковид-19 и ги повикаа научниците да работат на развој на вакцини што подобро штитат од новите соеви.
„Стратегијата за вакцинација базирана на дополнителни дози од оригиналниот состав на вакцината веројатно нема да биде соодветна или одржлива“, се вели во соопштението на експертската група на СЗО.
СЗО наведува дека прелиминарните податоци покажуваат оти постојните вакцини во случајот со варијантата омикрон се помалку ефикасни во спречувањето симптоматска болест. Се додава дека сегашните вакцини продолжуваат да обезбедуваат значителна заштита од потешките форми на болеста.
Експертите сметаат дека потребни се и треба да се развијат вакцини против Ковид-19 што ќе имаат висок ефект врз спречувањето на ширењето на заразата, притоа спречувајќи ги тешките форми на болеста и смртта.
Тоа ќе овозможи да се ограничи влијанието на Ковид-19 врз здравјето, но и да се намали потребата од ригорозни епидемиолошки и социјални мерки од широк опсег.
„Во пресрет на ваквите вакцини и во согласност со развојот на вирусот САРС-КоВ-2 можеби ќе треба да се приспособи составот на сегашните вакцини против Ковид-19 за да се осигури дека тие продолжуваат да го обезбедуваат нивото на заштита, вклучително и омикрон“, уверуваат тие.