Заедничкото ширење на делта и на омикрон-варијантата на коронавирусот создава цунами од нови случаи, изјави на прес-конференција генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус.
– Многу сум загрижен што омикрон, кој лесно се пренесува и се шири истовремено со делта-сојот, доведува до цунами од случаи – рече тој додавајќи дека тоа е двојна закана што води до нагло зголемување на бројот на хоспитализации и смртни случаи.
Тедрос го повтори повикот до земјите за поправедна дистрибуција на вакцини против коронавирусот и предупреди дека примената на бустер-дози во богатите земји може да доведе до недостиг на вакцини во посиромашните.
Тој рече дека СЗО е посветена да обезбеди секоја земја да достигне стапка на вакцинација од 70 проценти до средината на 2022 година, што ќе помогне да се стави крај на критичната фаза на пандемијата.