Четири дена по почетокот на постепеното олеснување на рестриктивните мерки во Италија, стотици млади луѓе го поплавија миланскиот кварт Навиља, во Ломбардија, најтешко погодениот италијански регион со коронавирусот, по што властите се заканија со повторна блокада.
Некои џогираат, други разговараат пиејќи пиво, како ништо да не се случило. Само четири дена по почетокот на таканаречената втора фаза во епидемијата на коронавирус, миланскиот кварт Навиља повторно е преполн со луѓе, пишуваат италијанските медиуми, додавајќи дека е сигурно дека тоа ќе се случи повторно во наредните денови.
Фотографиите направени на 7 мај, објавени од италијанските медиуми, покажуваат бројни граѓани кои се определиле за аперитив во близина на каналот во квартот Навиља, претежно без заштитни маски и без почитување на правилата на меѓусебно растојание.
Официјалните лица ги предупредија граѓаните дека ризикуваат да се вратат во првата фаза и да се заострат мерките за да се спречи ширењето на коронавирусот, кој однесе речиси 30.000 животи во Италија.