Британскиот премиер Борис Џонсон ја повика британската јавност да биде претпазлива и рече дека луѓето ќе мора да се самоизолираат кога тоа ќе им биде укажано, откако утре Англија ќе ги укине ограничувањата воведени со цел да се спречи ширењето на ковид-19.
– Ве молам, ве молам, ве молам, бидете внимателни – рече Џонсон во видео објавено денеска, снимено откако британскиот премиер се повлече во изолација, објави „Ројтерс“.
Џонсон им порача на граѓаните да бидат претпазливи и да ги почитуваат другите со оглед на ризиците што сè уште ги носи оваа болест и ги повика луѓето да примат втора доза од вакцината кога ќе бидат повикани.
Британскиот премиер и министерот за финансии Риши Сунак ќе работат исклучиво од нивните канцеларии, а останатото време ќе бидат во изолација и ќе се тестираат секој ден, поради контактите со министерот за здравство, Саџид Џавид, кој вчера објави дека се заразил со ковид-19 и по две примени вакцини.
Претходно, научен советник на британската влада изјави дека скоро е неизбежно бројката на нови случаи од ковид-19 да достигне до сто илјади дневно, по укинувањето на мерките.
И покрај ваквите предупредувања, властите најавија укинување на скоро сите мерки, вклучително и носење маски и физичко растојание, нагласувајќи ја индивидуалната одговорност на поединците.