Британскиот премиер Борис Џонсон денеска даде зелено светло за прегратки со претпазливост и послужување пиво во пабовите, по неколку месеци строги ограничувања.
Владата во февруари објави план во четири чекори за постепено ублажување на социјалните ограничувања, а следната фаза треба да стапи на сила идната недела.
Џонсон рече дека владата ќе им овозможи на семејствата и блиските пријатели сами да носат одлуки за социјалните контакти, но ги повика луѓето да не ја занемаруваат претпазливоста и рече дека одржувањето на растојание е задолжително на работните места, во продавниците и рестораните, пренесува „Ројтерс“.
– Ова отклучување е многу важен чекор на патот кон враќање во нормала и јас сум убеден дека ќе можеме да одиме понатаму – рече Џонсон на прес-конференција.
Повторното отворање ќе се однесува само на Англија, а полуавтономните влади на Шкотска, Северна Ирска и Велс ќе воспостават свои правила.
Главните медицински лица во земјата исто така денеска го намалија нивото на предупредување за Ковид-19, што значи дека епидемијата циркулира, но пренесувањето не е веќе високо и не расте експоненцијално.