Поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, го истакна недостатокот на солидарност меѓу северните и јужните членки на ЕУ во кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.
– Сега, без никаква потреба, дозволивме повторно да избувне конфликт меѓу Северот и Југот. Ништо не научивме – рече Јункер за „Политико“.
Тој оцени дека начинот на кој холандскиот министер за финансии, Вопке Коестра се изразил за Италија, повторно „го разгорува конфликтот меѓу Северот и Југот“, алудирајќи на неговиот повик ЕУ да провери зошто некои земји немаат финансиски средства за да се справат со економскиот шок предизвикан од коронавирусот.
Јункер не сакаше да шпекулира дали е соодветна големината на економскиот пакет за помош во криза договорен од министрите за финансии на ЕУ, велејќи дека сака да почека прашината да слегне.
– Но, договорот за релативно амбициозен пакет по тешките обиди за постигнување договор, може само да се поздрави = вели тој, додавајќи дека уште еден неуспех „би бил удар за европската идеја“.
Тој, исто така, рече дека очекува многу поголем буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година кој би бил вистински инструмент за економската криза.
Во исто време, Јункер го критикува слабиот одговор на Брисел на одлуката на унгарскиот парламент да и дозволи на владата на премиерот Виктор Орбан да владее со декретот без временски рок.
Кога станува збор за стандардите за владеење на правото, важно е да се зборува со отворен и јасен јазик, заклучи Јункер.