Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер повика на заедништво. Тој во своето обраќање изјави дека во Германија во криза е довербата по третиот бран на пандемијата од ковид-19. Во непланираното ТВ обраќање, претседателот ги повика граѓаните на поголем оптимизам и доверба во сопствените способности, пренесува Дојче веле.
Штајнмаер ги повика политичарите да донесат разбирливи и прагматични одлуки за мерките за борба против коронавирусот и ги повика граѓаните да ги обединат силите во овој трет бран на пандемијата.
– Ајде да се собереме! Ајде да откриеме што има во нас – рече Штајнмаер .
– Не треба постојано да се лутиме на другите . Да не го истакнуваме постојано она што не е можно, но дека нешто е можно ако секој го направи она што е во негова моќ – додаде Штајнмаер.
Ова е втор пат од почетокот на пандемијата претседателот да им се обрати на граѓаните со непланиран ТВ говор. Во Германија, претседателот обично им се обраќа на граѓаните само за Божиќ.
Штајнмаер призна дека постои „криза на доверба“ и дека се направени грешки кога станува збор за тестирања, вакцинација и дигитализација.
– По 13 месеци, веќе не помага само да се повикува на трпеливост, здрав разум и дисциплина. Апелите ја изгубија ефикасноста во овие исцрпувачки времиња – рече претседателот.
– Сега на земјата не и треба политички и партиски натпревар, туку јасност и решителност . На луѓето им требаат разбирливи и прагматични одлуки за да имаат ориентација, така што оваа земја може да го извлече максимумот од себе – додаде тој.
Според него, пандемијата ги покажа слабостите на Германија, како што се напорот да се регулира сè, како и стравот од ризик и постојаното пренесување на одговорноста на другите. Ова како што рече Штајнмаер треба да се промени и институциите треба да се направат поефикасни во справувањето со кризата.
– Но, сега, среде третиот бран на пандемијата, „неопходно е да се здружат силите за да се разбие тој бран – истакна германскиот претеседател.
Тој најави големи ограничувања во следните неколку недели.
– Како што пандемијата бара многу од граѓаните, така треба и тие да бараат многу од политиката. Очекувањето е јасно: „Спојте ги силите! – беше неговата порака.