Шпанија ќе почне кампања за вакцинација против коронавирусот в недела, 27 декември, еден ден откако во земјата ќе стигнат првите дози од вакцината, соопшти денеска шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ила.
– Пристигнувањето на вакцината значи почеток на крајот на пандемијата, но не и крај. Треба да останеме внимателни и будни и да се придржуваме до мерките – рече Ила на прес-конференција.
Тој ги повика Шпанците да бидат претпазливи во пресрет на божикните и новогодишните празници затоа што ситуацијата со епидемијата повторно е влошена.
Шпанија првин ќе ги вакцинира медицинскиот персонал и оние со висок ризик, како што се жителите на домовите за пензионери.
Во Шпанија од почетокот на пандемијата има вкупно 1,9 милион заразени и е меѓу првите десет најпогодени земји во светот. Досега во земјата од Ковид-19 починаа речиси 49.000 луѓе.