Шкотската премиерка Никола Старџен се извини откако ги прекрши мерките за коронавирусот симнувајќи ја маската по погреб. На фотографијата објавена во шкотски „Сан“ се гледа како Старџен разговара со три жени во еден бар, држејќи се на дистанца, но без маска.
Согласно епидемиолошките мерки во Шкотска, задолжително е носење на маската во затворени простории, освен на маса, а маската мора да се носи додека гостите се во движење. Старџен присуствуваше на погреб на владин службеник, пренесува „Гардијан“.
„Ја тргнав маската некое време. Тоа беше глупава грешка и навистина жалам”, рече премиерката.
Таа додаде дека секој ден размислува за важноста од носење маска и затоа сака да се извини. „Згрешив и жал ми е“, рече Старџен.