Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, побара денес да не се политизира пандемијата на коронавирусот кога американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера ја обвини агенцијата на ООН дека е премногу блиску до Кина и дека лошо управува со кризата.
– Не политизирајте го вирусот. Нема потреба да се користи ковид-19 за собирање политички поени – одговори тој на онлајн прес-конференција на новинарско прашање за обвинувањата од Трамп.
– Имате многу други начини да се докажете – додаде тој и повика да се избегнува играње со оган.
– Ве молам, политизирањето на Ковид-19 ставете го во карантин – рече Гебрејесус.
Трамп вчера изјави дека СЗО е премногу блиска до Пекинг.
– Се чини дека сè оди во прилог на Кина, тоа не е прифатливо – рече Трамп заканувајќи се дека ќе го прекине американското финансирање за СЗО.