Шведска им се придружи на голем број европски соседи и претстави нови мерки за борба против коронавирусот, додека бројот на заразени се зголемува и во оваа земја. Во Шведска, земја со 10 милиони жители, сега се пријавени 134.532 коронавирусни инфекции и речиси 6.000 смртни случаи поврзани со ковид-19.

– Одиме во погрешна насока. Ситуацијата е многу сериозна. Секој жител треба да преземе одговорност затоа што знаеме колку е опасно ова – рече шведскиот премиер Стефан Лофвен.

Новите мерки во Шведска првенствено се однесуваат на ограничување на бројот на гости во рестораните, каде што максимум осум лица сега можат да седат на иста маса. Шведска ги засили ограничувачките мерки во вкупно 21 регион во земјата. На граѓаните им се препорачува да не организираат забави, да избегнуваат собири во затворени простории, да не одат на непотребни патувања, како и да избегнуваат јавен превоз. На работодавците им беше наредено да ги штитат вработените.

На почетокот на годинава Швеѓаните беа цел на бројни осудувања дека речиси ништо не сториле за да се спречи ширењето на вирусот. Додека на повеќето Европејци им беше наредено да останат дома, Швеѓаните се собраа во кафулиња, ресторани и барови.


Шведскиот премиер во самоизолација

Премиерот на Шведска, Стефан Лофвен, објави дека е во самоизолација откако дознал дека нему блиско лице имало контакт со лице за кое подоцна било потврдено дека e позитивно на коронавирус.

Лофвен рече дека нему блиско лице, чиј идентитет не е откриен, отишло на тестирање и дека тоа е негативно, но дека тој и неговата сопруга, по совет на лекар, ќе бидат во самоизолација.

– Работам од далечина. Се чувствуваме добро и немаме никакви симптоми – напиша тој на Фејсбук.

Тој и неговата сопруга ќе бидат тестирани за коронавирус што е можно поскоро, додаде тој.

Во Шведска, според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“, потврдени се 134.532 случаи на коронавирус и речиси 6.000 смртни случаи.