Чешка мора да ги заостри мерките за борба против пандемијата и да спречи катастрофа во болниците, рече денеска чешкиот премиер Андреј Бабиш, а Полска најави дека повторно ќе воведе строги ограничувања на североистокот на земјата.
Чешка во вторникот пријави повеќе од 15.000 нови инфекции со коронавирус, најмногу по 6 јануари, и има најбрзо ширење на инфекцијата во Европа, со стапка на нови инфекции на жител повеќе од шест пати поголема од Германија во последните две недели.
Бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19, кои се наоѓаат во тешка состојба, се искачи на рекордни 1.389, така што во земјата со 10,7 милиони жители веќе алармантно се намалува бројот на слободни болнички кревети.
Некои клиники мораа да ги префрлаат пациентите во други болници, а министерот за здравство предупреди дека во следните недели нема да има повеќе места во болниците. Владата размислува да побара од Германија да ѝ помогне во грижата за некои пациенти.
Земјата пријави вкупно 1,18 милион заразени и 19.682 смртни случаја од почетокот на пандемијата.
Бабиш рече дека ситуацијата е сериозна.
– Нè чекаат пеколни денови – нагласи тој на прес-конференција.
Владата во текот на денот треба да разгледа можни нови мерки. Бабиш рече дека Министерството за здравство ќе предложи ограничувања, но не сакаше да навлегува во детали.