Франција, Шпанија и Германија планираат да го скратат времетраењето на карантинот за оние кои се позитивни на вирусот ковид-19 или биле во контакт со заразено лице.
Италијанските здравствени експерти сметаат дека таквата одлука може да се разгледа и во Италија.
Франција објави дека ќе го преполови траењето на карантинот од 14 на седум дена, за што официјално треба да се одлучи в петок, додека шпанските здравствени власти ја анализираат можноста за намалување на времетраењето на изолацијата од 14 на десет дена, а во Германија се води дебата за периодот меѓу пет и седум дена.
Италијанскиот пулмолог и член на Научно-техничкиот комитет Лука Рикелди рече дека таквата одлука може да се разгледа во Италија, пред сè затоа што многу ќе ги олесни мерките, додавајќи дека постои многу мала веројатност дека едно лице ќе биде заразно дури и по десет дена, наведува весникот „Кориера дела Сера“.
– Ние мора да процениме дали ризикот е прифатлив – истакна Рикелди.
Во Италија, изолацијата на оние кои се заразени или биле во контакт со лице позитивно на ковид-19 трае 14 дена, а за да се прогласи лицето за излекувано, потребни се два негативни теста.
„Кориере дела сера“ потсетува дека италијанскиот премиер Џузепе Конте неодамна изјави дека одлуката за скратување на времетраењето на карантин може да ги намали социјалните и економските трошоци.
Министерството за здравство на Франција, по повод одлуката за скратено времетраење на карантин, изјави дека едно лице е најзаразно во првите пет дена по појавата на симптомите или по позитивен тест, пренесоа медиумите.