Компанијата „Фејсбук“ синоќа соопшти дека објава што поттикнувала сомнежи дека вакцината против коронавирус може да има смртни последици, била меѓу најраширените содржини на платформата во САД, од јануари до март годинава. Технолошкиот гигант на тој начин првпат ја призна раширеноста на таков вид на содржина на социјалната мрежа, пренесува „Вашингтон пост“.
Соопштено е дека уште еден вебсајт што промовирал невистини во врска со коронавирусот бил меѓу 20-те најпосетени страници на платформата. „Фејсбук“ годинава се соочи со силни критики од американскиот претседател Џо Бајден и од други членови на неговата администрација кои тврдеа дека социјалната мрежа овозможила ширење на лажни тврдења во врска со вакцините против коронавирусот.
Белата куќа тврдеше дека многумина Американци се колебаат да примат вакцина против ковид-19, делумно поради лажни информации кои ги прочитале на социјалните мрежи, вклучувајќи го и Фејсбук.
Во објавувањето на извештајот што компанијата претходно го држеше настрана, „Фејсбук“ се обиде да им одговори на критичарите, тврдејќи дека дефиницијата за здравствените дезинформации честопати не е јасна.
На пример, објавата што годинава беше раширена на платформата, користена од над 2,8 милијарди луѓе месечно, беше автентичен напис од весникот „Саут Флорида Сан Сентинел“ за истрагата на Центрите за контрола и превенција на болести за смртта на лекар кој починал две недели откако примил вакцина против коронавирус. Неколку месеци подоцна беше утврдено оти нема доволно докази за да се каже дека вакцината имала улога во смртта на лекарот.
„Фејсбук“ соопшти дека ќе отстранува лажни информации за ковид-19, но смета дека дискусиите за автентичните новинарски написи не би требало да бидат ограничувани.