Американската компанија за лекови „Фајзер“ склучи договор со кој дозволува нејзината експериментална таблета за лекување од Ковид-19 да се произведува и продава во 95 земји во развој.
Договорот со непрофитната организација „Медисинс патент пул“ поддржана од ОН може да го направи лекот достапен за 53% од светската популација. Но во него нема неколку земји што имаат големи жаришта на Ковид-19, меѓу кои е и Бразил.
Од компанијата велат дека пилулата го намалува ризикот од тешка болест кај ранливите возрасни лица.
Како што се наведува, договорот ќе им овозможи на локалните производители на лекови да ја произведуваат таблетата со цел да се олесни поголем пристап до светското население.
„Фајзер“ нема да наплаќа авторски права за продажба во земјите со пониски приходи и рече дека ќе се откаже од тантиемите во сите нации вклучени во договорот сѐ додека Светската здравствена организација го означува ковидот како алармантна јавноздравствена состојба.
Во почетокот на ноември „Фајзер“ соопшти дека според клиничките испитувања, нејзината пилула против Ковид-19, паксловид, го намалува ризикот од прием во болница или смрт за 89% кај возрасните пациенти со висок ризик.
Чарлс Гор, директор на непрофитната организација, во изјавата рече дека лиценцата е важна бидејќи овој орален лек е особено добро приспособен за земјите со низок и среден приход и може да игра клучна улога во спасувањето животи.
Повеќето од вклучените земји се во Африка или Азија. Сепак, нациите како Бразил, Кина, Русија, Аргентина и Тајланд, кои имаат големи жаришта, не се дел од договорот, наведува Би-би-си.
Некои експерти велат дека ова не е доволно за да се решат нееднаквостите во пристапот до третманите и вакцините за ковид-19.
„Фајзер“ и другите фармацевтски компании, исто така, се спротивставија на повиците за укинување на патентите за нивните вакцини против ковид.
Организацијата Лекари без граници во изјава за Асошиејтед прес порача дека е „обесхрабрена“ што со договорот таблетите на Фајзер против ковид-19 не се достапни насекаде во светот.
„Светот сега веќе знае дека пристапот до медицинските алатки против ковид-19 треба да се загарантирани за секого, секаде, доколку навистина сакаме да ја контролираме оваа пандемија“, рече советникот за правна политика на групата Јуанчионг Ху.
Во октомври, друг производител на лекови, Мерк, објави сличен договор со Медицинс патент пул за да им овозможи на производителите да произведуваат сопствена таблета против ковид-19, молнупиравир.