Производителот вакцината против коронавирус, „Фајзер“, ја одложи испораката во осум европски земји поради тешкотии поврзани со чување и складирање на вакцините на ниски температури. Министерството за здравство на Шпанија соопшти дека примило порака од производствениот погон на „Фајзер“ во Белгија дека вакцината во оваа земја ќе биде доставена во вторник наместо в понеделник поради проблем во процесот на товарање и складирање поврзан со контрола на температурата. Шпанските власти соопштија дека уште осум земји во Европа се соочуваат со исти тешкотии, но не наведуваат за кои земји станува збор.
Локалните власти во Германија исто така известија за доцнење на испораката по утврдените проблеми со транспортот на вакцината, која треба да се чува на температура од -70 степени.
Испораката на вакцините на „Фајзер“ е комплицирана поради условот да се чува на многу ниска температура, но она што го олеснува транспортот, од друга страна, е што вакцината неколку дена може да издржи на температура од 2 до 8 степени.
Сепак, доцнењето на испораката во некои земји предизвика одложување на вакцинацијата, која за време на викендот почна во Германија, Унгарија и во Словачка. ЕУ обезбеди 300 милиони дози од вакцината на „Фајзер“ со надеж дека две третини од европското население ќе биде вакцинирано до септември 2021 година. Освен со „Фајзер“, склучени се договори и со други производители на вакцини.