Американската компанија „Фајзер“ објави дека почнала со тестирање на вакцината против коронавирус кај деца под 12-годишна возраст и дека се надева дека ќе ја прошири имунизацијата до таа возраст до почетокот на 2022 година.

Портпаролката на „Фајзер“, Шерон Кастиљо, потврди дека на волонтерите им е дадена првата доза на вакцина во раната фаза на испитувањето.

„Ројтерс“ наведува дека „Фајзер“ и „Бионтек“ планираат првично да ја тестираат безбедноста на нивната вакцина во три различни јачини, од 10, 20 и 30 микрограми за време на двофазното испитување со 144 учесници.

Компаниите планираат подоцна да ги прошират испитувањата со 4.500 учесници за да ја тестираат безбедноста, подносливоста и имунолошкиот одговор генериран од вакцината, веројатно со мерење на нивото на антитела кај млади лица.

„Фајзер“ веќе ја тестира вакцината на деца на возраст од 12 до 15 години, а компанијата очекува да ги има резултатите во наредните недели.

Вакцината засега е одобрена за лица постари од 16 години.


Истражување: Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ ефикасни кај бремените жени и доилките

Вакцините против коронавирус на „Фајзер“ и „Модерна“ се ефикасни кај бремените жени и доилките кои можат да пренесат антитела на новороденчињата, според истражувањето објавено во Американскиот журнал за акушерство и гинекологија.

Научници од болницата „Масачусетс Џенерал“, од Универзитетот МИТ и од Универзитетот Харвард, проучиле 131 жена вакцинирана со „Фајзер“ или „Модерна“, објави Си-Ен-Ен. Меѓу нив, 84 биле бремени, 31 доеле, а 16 не биле бремени.

Нивните примероци биле собрани од 17 декември 2020 година до 2 март 2021 година.

– Се чини дека овие вакцини работат исклучително ефикасно кај овие жени. Нивоата на антитела, стимулирани со вакцинација, биле исти кај бремените жени и доилките како кај жените кои не биле бремени. Тимот забележа дека нивото на антитела по вакцинацијата е значително повисоко од нивото на антитела создадени по инфекцијата со коронавирус за време на бременоста – се наведува во извештајот.

„Се чини дека овие вакцини работат исклучително ефикасно кај овие жени“, рече еден од научниците, Галит Алтер, професор на Институтот „Рагон“.

Покрај ова, тимот откри дека жените ги пренесуваат антителата на своите бебиња, а тие се измерени во мајчиното млеко и плацентата.

– Скоро сите мајки пренесоа прилично пристојно ниво на антитела на своите бебиња – истакна Алтер, додавајќи дека се потребни дополнителни истражувања за да се разбере колку траат тие заштитни антитела кај бебињата.