Вакцината на „Фајзер/Бионтек“ го произведе најсилниот имунолошки одговор против ковид-19 од четирите вакцини тестирани во студија објавена во списанието „Сел хоуст енд мајкроуб“.
Истражувачите го споредија имунолошкиот одговор на телото кај луѓе вакцинирани со „Фајзер“, „Астра зенека“, „спутник“ и „Синофарм“, а студијата беше спроведена во јули на 196 целосно вакцинирани лица во Монголија, каде што се користеа сите четири типа вакцини, што е ретко.
Нивоата на неутрализирачки антитела варираат во голема мера во секоја од четирите групи вакцини.
Релативно ниски концентрации на антитела се развиле со вакцинација со „Синофарм“ и „Спутник“, умерени нивоа на антитела развиле оние кои биле вакцинирани со „Астра зенека“, а најмногу оние со „Фајзер“, според резултатите од студијата.
Русите го оспорија истражувањето
Причините за разликите во имунолошкиот одговор на организмот по вакцинацијата со споменатите четири вакцини сега се предмет на интензивно истражување на експертите.
Веројатно ќе бидат вклучени фактори како што се количеството на активна состојка во секоја доза од вакцината, како и интервалот помеѓу првата и втората доза, напишаа авторите на студијата во која учествуваа научници од универзитетот „Стенфорд“, фондацијата „Оно“ и Националниот центар за заразни болести во Улан Батор. Резултатите од студијата беа објавени во четвртокот.
И варијациите во начинот на кој се давале вакцините играле улога во добиените резултати.
Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој беше вклучен во развојот на руската вакцина и е задолжен за нејзината меѓународна дистрибуција вели дека споредбите на перформансите на вакцината се погрешни, бидејќи поминало повеќе време помеѓу администрирањето на „спутник В“ и мерењето на антителата, отколку со другите вакцини.
РДИФ исто така истакнува дека луѓето вакцинирани со „спутник“ биле во просек 10 години постари од оние кои примиле други вакцини.