Со ширењето на омикрон-видот низ повеќе светски држави, американскиот епидемиолог Ентони Фаучи порача дека САД се подготуваат за измени на вакцините против ковид-19, со цел за справување со новиот сој на коронавирус, пренесува „Њузвик“. Но Фаучи нагласи дека уште не е јасно дали ваквата промена е неопходна.
– Се подготвуваме за модификација на вакцините, но можеби нема да имаме потреба да го сториме тоа – кажа Фаучи за „Ен-би-си“.
„Фајзер“ соопшти дека би можеле да произведат и дистрибуираат обновена вакцина во рок од 100 дена, ако се утврди дека омикрон е отпорен на постоечките вакцини. Фармацевтската компанија очекува во наредните две недели да биде познато дали новиот вид е отпорен на вакцините. „Модерна“ вчера објави дека би можела да ја прилагоди вакцината кон новата варијанта до почетокот на идната година.
Фаучи ги повика невакцинираните да се имунизираат, како и оние што примиле две дози, да примат и трета бустер доза.
Светската здравствена организација го окарактеризира омикрон како загрижувачка варијанта, а повеќе држави веќе воведоа рестрикции на патувањата со цел за спречување на ширењето на новиот вид.