Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи ги советуваше Американците кои веќе имале коронавирус, или претпоставуваат дека го имале, да се вакцинираат веднаш штом вакцината е достапна.
Долгогодишниот директор на Националниот институт за алергија и заразни болести изјави дека нема причина да се верува оти вакцината може да им наштети на оние кои веќе имале Ковид-19.
– Не мислам дека тоа треба да биде причина за загриженост – рече Фаучи, охрабрувајќи ги Американците да се вакцинираат кога вакцината ќе е подготвена.
Двата производитела, „Фајзер“ и „Модерна“ ги завршија клиничките испитувања и тврдат дека нивните вакцини имаат ефикасност поголема од 90 проценти. „Фајзер“ поднесе барање за регистрација на својата вакцина, што би можело да биде одобрено од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) веќе во првата половина на декември.
– Конечната одлука ќе зависи од проценката на ФДА… но мислам дека е многу веројатно дека нема да има ограничувања за вакцинирање на оние кои имаат докази дека веќе биле заразени – рече Фаучи.
Научниците сè уште не се сигурни колку долго трае имунитетот на луѓето кои се опоравиле од инфекцијата, а исто така не е познато колку долго ќе трае заштитата по вакцинирањето.
Многу епидемиолози веруваат дека за коронавирус најверојатно ќе треба редовни годишни вакцинации, како што е вакцината против сезонски грип, но сè уште не е познато дали вакцината ќе биде ефективна и толку долго.