Унгарија денеска стана првата членка на Европската унија што ја одобри вакцината против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“, откако минатата недела беше и прва во Унијата што ја купи руската вакцина „Спутник В“.
Премиерот Виктор Орбан претходно денеска најави дека веднаш може да се потпише договор за купување на кинеската вакцина.
Неговата влада, исто така, внимателно го следи резултатот од масовната вакцинација со таа вакцина во Србија.
Орбан, според неговите зборови, најпрво би ја избрал кинеската вакцина бидејќи најмногу и верува.
– Денес, агенцијата за лекови – OGYEI – исто така издаде лиценца за употреба на вакцината од Синофарм, и по Фајзер, Модерна, Астразенека и Спутник В, сега можеме да сметаме и на оваа вакцина – изјави Сесилија Мулер, претставник на здравствените власти.
Првата пратка може да содржи до милион дози вакцина.
Кога Унгарија ќе ја добие кинеска вакцина, до март може да се вакцинираат околу 1,7 милиони луѓе во земјата.
Унгарија доби 6.000 дози руска вакцина против коронавирус кон крајот на декември, што беше оценето како чекор без преседан во ЕУ.
Но, веќе на 5 јануари германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за поблиска соработка за справување со пандемијата, вклучително и за можноста за заедничко производство на вакцини, потсетува „Ројтерс“.
Во Унгарија, земја со 10 милиони жители, досега се пријавени 364.909 случаи на инфекција, а починале 12.374 лица.
Мерките за борба против епидемијата се продолжени до 1 март.