Унгарија денес стана првата земја на Европската Унија што почна вакцинација со руската вакцина „Спутник 5“ против коронавирус.
Унгарија веќе беше првата земја членка на ЕУ што ја одобри „Спутник 5“ минатиот месец и нарача две милиони дози за три месеци, што е доволно за да се вакцинираат милион луѓе.
Будимпешта често е во конфликт со Европската комисија, особено околу правото на азил и постојано го критикува процесот во Брисел за одобрување и набавка на вакцини, што премиерот Виктор Орбан го смета за премногу бавен.
Минатиот месец унгарската влада беше прва меѓу 27 членки на ЕУ што ја одобри вакцината „Синофарм“ произведена во Кина и нарача пет милиони дози.
– Доколку Унгарија започне да ја користи кинеската вакцина во блиска иднина, повеќе од 2,5 милиони луѓе ќе можат да се вакцинираат до Велигден. Секој ден додека го чекаме Брисел губиме стотици унгарски животи – изјави премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.