Планот на британскиот премиер, Борис Џонсон, да ги укине буквално сите мерки во земјата од понеделник е закана за целиот свет, тврдат 1.200 светски научници.
Планот исто така создава плодна почва за појава на нови соеви на коронавирусот, кои се отпорни на вакцините, велат научниците.
Во писмото испратено до престижното медицинско списание „Лансет“, потпишано од 1.200 научници, вклучително и владини советници од Нов Зеланд, Израел и од Италија, се вели дека позицијата на Велика Британија како клучна за глобалниот сообраќај ќе значи дека секоја нова варијанта на коронавирусот од таа земја може бргу да се прошири во остатокот од светот.
Научниците се крајно загрижени за планот на Џонсон, пишува „Гардијан“.
Писмото е испратено откако се одржа итен состанок на научници и лекари што се занимаваат со пандемијата на коронавирусот.
Мајкл Бејкер, професор по јавно здравје на Универзитетот „Отаг“ во Нов Зеланд и член на советничката група на Министерството за здравство на Нов Зеланд, на состанокот рече: „Во Нов Зеланд секогаш ја гледавме Велика Британија како пример за лидерство и научна експертиза. Токму затоа е чудно зошто тие не ги следат основните принципи на јавното здравје“.
Хозе Мартин-Морено од Универзитетот во Валенсија и советник на Светската здравствена организација беше исто така присутен на самитот.
„Не разбираме зошто се случува ова и покрај сите научни факти и знаења што ги имаме“, рече Мартин-Морено.